ПОСТАПКА ЗА ТРГУВАЊЕ
Пронајди брокер.
За да може да се купи, односно да се продаде определена хартија од вредност, потребно е да се ангажира посредник во целата таа постапка. Посредништвото им е доверено на брокерските куќи, кои преку овластените брокери настапуваат на берзата и учествуваат во купопродажниот процес.
Во нашата брокерска куќа се ангажирани тројца лиценцирани брокери кои учествуваат во тргувањето на Македонската берза.
Како да се купат / продадат хартии од вредност?
За купување на хартии од вредност првенствено е потребно да ја посетите нашата брокерска куќа поради склучување на Договор за соработка. Со себе понесете документ за идентификација (лична карта или пасош). Покрај Договорот за соработка кој е неопходен заради Ваша евиденција кај нас, доколку првпат купувате акции, потребно е да се отвори и сметка за хартии од вредност во Централниот депозитар на хартии од вредност. Откако ќе се отвори сметката, следниот чекор е уплата од Ваша страна на средствата кои сте ги предвиделе за инвестирање на наша сметка. Средствата се уплатуваат на т.н. Клиентска сметка, која се наоѓа во НБРМ. По уплатата на средствата веќе можете да дадете налог за купување на определена хартија од вредност.
Постапката за продажба е слична. Повторно е потребно да се склучи Договор за соработка, бидејќи веќе поседувате сметка за хартии од вредност во ЦДХВ, потребно е на нашиот брокер да му одобрите полномошно за резервирање на хартиите од вредност кои имате намера да ги отуѓите и на крајот да дадете соодветен налог за продажба на истите. Покрај документот за идентификација, потребно ќе биде со себе да понесете Ваша денарска сметка од некоја банка (тековна сметка или штедна книшка) на која би се префрлиле парите по продажбата на хартиите од вредност.
Тргувањето на Македонската берза.
Откако ќе го дадете Вашиот куповен / продажен налог, нашите брокери ќе се обидат истиот да го реализираат на берзата по најповолна цена во Ваша корист. Тргувањето на Македонската берза е електронско, се користи т.н. Берзански електронски систем на тргување (БЕСТ) и се врши од канцелариите на нашата брокерска куќа. По завршетокот на тргувањето во 12.00 часот секој работен ден, клиентот може да добие информација за тоа дали се купени односно продадени неговите хартии од вредност, по која цена и сл. По 14.00 часот секој работен ден клиентот може да добие во нашите канцеларии Извештај од тргувањето во кој се запознава со условите по кои е реализиран неговиот налог.
Порамнување на трансакциите.
Денот на порамнувањето на трансакциите (денот кога на купувачот му се припишуваат хартиите од вредност на неговата сметка во ЦДХВ и денот кога продавачот ги добива средствата од продажбата на хартиите од вредност) се случува третиот работен ден по денот на трансакцијата – Т+3 . Што практично тоа значи? Тоа значи дека купувачот најрано може да ги продаде купените акции третиот работен ден од денот на купувањето, и тоа по порамнувањето (кое се случува меѓу 10.00 и 11.00 часот), додека продавачот најрано може да ги добие парите од продажбата третиот работен ден од денот на продавањето, и тоа во попладневните часови (после 16.00 часот).
Мерење на пазарот.
Движењето на цените на акциите на компаниите ја изразува промената на мислењето на инвеститорите во врска со перформансите и перспективите на компаниите. Со следење на вкупното движење на цените на акциите, можно е со потемелна анализа да се добие начелна претстава за моменталната состојба во една економија. Овие движења се мерат преку берзански индекси, чија функција е квантитативно да ги искажат дневните промени на пазарните цени во однос на некој базичен период (или во однос на претходниот ден, недела, месец или година).
Македонската берза пресметува 3 индекси:
- МБИ-10 индексот е индекс кој ги одразува промените на 10-те најликвидни котирани компании на Македонската берза. Овој индекс се ревидира на 6 месеци, а во моментот него го сочинуваат следниве акции: Алкалоид Скопје, Топлификација Скопје, Тетекс Тетово, Комерцијална банка Скопје, Макпетрол Скопје, Гранит Скопје, Бетон Скопје, Стопанска банка Битола, Охридска Банка Охрид и Макстил Скопје.
- МБИД индексот е индекс кој го сочинуваат 15 компании со чии акции се тргува на редовниот пазар. Тоа се компании кои не се котирани, но кои имаат ликвидност слична на котираните компании од официјалниот пазар.
- ОМБ индексот е индекс кој го одразува движењето на обврзниците со кои се тргува на Македонската берза (обврзници од старото девизно штедење и шест емисии на обврзници од денационализација).
Оданочување на приходите.
Предмет на оданочување се и приходите остварени по основ на дивиденда и приходите остварени по основ на капитална добивка.
Дивидендата се оданочува со стапка од 10%, со тоа што износот за данокот го задржува компанијата која ја исплаќа дивидендата, а нето износот компанијата го префрлува на сметка на носителот на правото на дивиденда. Даночниот обврзник е должен да ја наведе дивидендата како приход во Годишната даночна пријава која се доставува до Управата за јавни приходи.
Капиталната добивка (разликата помеѓу повисоката продажна и пониската набавна цена на акциите) се оданочува со стапка од 10%, со тоа што постои ослободување од 30% на износот на капиталната добивка. Даночниот обврзник е должен да пополни Аконтативна даночна пријава и заедно со Извештаите од тргувањето ја доставува до Управата за јавни приходи. Капиталната добивка треба да се пријави во рок од 15 дена од денот на продажбата на акциите.
Обврзниците не подлежат на оданочување.
Информации за Вашите акции.
Дневните официјални листи од тргувањето секојдневно се објавуваат на веб страната на Македонската берза, како и во неколку дневни весници (Бизнис, Утрински весник итн).
Дневната листа ги содржи следниве податоци кои се важни за сопственикот на акциите:


Податок кој се однесува на издавачот на хартијата од вредност.
Просечна цена на денот на тргувањето.
Промена на цената во % во однос на цената по која се тргувало претходниот ден.
Најдобра куповна цена во моментот на затворањето на берзата.
Најдобра продажна цена во моментот на затворањето на берзата.
Постигната највисока цена на тој ден на тргување.
Постигната најниска цена на денот на тргување
Последна цена на денот на тргување.
Број на истргувани акции на денот на тргување.
Реализиран промет во илјади денари со односната акција.
Референтна цена – цена со која ќе стартува тргувањето следниот ден.
|