ПОЈМОВНИК
Акција претставува сопственичка хартија од вредност. Постојат неколку видови на акции.
- според редоследот на емисијата: основачки акции и акции од некои следни емисии
- според содржината на правата и учеството во добивката: обични (редовни) и приоритетни (повластени)
- според правото на глас: со и без право на глас.
Секој вид на акција му носи на нејзиниот сопственик определени права, а тоа најчесто се правото на управување, правото на дивиденда и право на остаток од ликвидационата маса.
Акции со право на глас – едно од основните права кои ги има сопственикот на акциите е правото на глас на собранието на акционери. Поголемиот број од одлуките кои се од посебно значење за управувањето на друштвото се носат на собранието на акционерите. Најчеста ситуација е една акција да носи еден глас, но не е ретко, во зависност од статутот и сопственичката структура на претпријатието, еден глас да биде претставен со поголем број акции.
Аукција – тргување на берза по метода на преовладувачка цена и методот минимална цена- минимална количина. Се закажува за сите видови на хартии од вредност од определен емитент во утврдено време. За време на аукцијата се вкрстуваат налози од понудата и побарувачката за определена хартија од вредност според преовладувачката цена.
Берза – организиран пазар на кој овластените берзански посредници тргуваат со определен стандардизиран пазарен материјал по однапред определени правила и во одредено време, а сето тоа е проследено со стандардизирана документација. Улогата на берзата е да обезбеди услови и начин на утврдување на објективна цена на определена акција, да овозможи рамноправни услови за средба на понудата и побарувачката за определена акција како и однапред пропишани правила и начини кои ќе бидат важечки за сите учесници на пазарот на капитал.
Берзански посредник – е правно лице основано според посебен закон за работење и тргување со хартии од вредност на организиран финансиски пазар наречен берза. Во зависност од начинот на организирањето на берзанското посредништво овластените лица за тргување можат да настапуваат како:
- Брокер – посредник во тргувањето со хартии од вредност во свое име, а за сметка на клиентот или во име и за сметка на клиентот. За својата услуга брокерите наплаќаат провизија, а освен посредничката може да имаат и советодавна улога.
- Дилер – трговец со хартии од вредност кој настапува во свое име и за своја сметка (принципал). Заработувачката ја остварува преку разликата во цена (куповна цена – продажна цена), преземајќи го евентуалниот ризик од загубата. Дилерот може да настапи и како брокер и како застапник.
Блок тргување – претставува блок трансакција чиј предмет е одредена хартија од вредност со која се тргува на берзата, а која е склучена вон редовното берзанско тргување на кое се тргува според методот на преовладувачка цена или според методот на континуирано тргување, преку билатерален договор помеѓу еден или неколку купувачи и еден или неколку продавачи, а според услови однапред пропишани во правилата на тргување на Македонската Берза.
Централен депозитар на хартии од вредност- претставува институција која ги извршува работите на централна служба за евиденција на носителите и правата кои произлегуваат од определени хартии од вредност и другите финансиски инструменти. Покрај тоа тој ги извршува работите околу клирингот и салдирањето на хартиите од вредност, како и паричните обврски кои настануваат по основ на тргување со хартиите од вредност.
CFI код – ознака на определена хартија од вредност врз основа на која законските иматели на таа хартија од вредност ги остваруваат своите права во зависност од класата, односно серијата на тие хартии. Овој код се состои од низа на знаци преку кои се идентификува видот на хартијата од вредност, поединечните права од таа хартија, како и други значајни обележја кои што се утврдени и пропишани во Шифрарникот на хартии од вредност.
Ценовен инкремент – претставува најмало дозволено зголемување на цената во однос на последно постигнатата цена за секоја хартија од вредност.
Емитент – е правно лице кое издава (емитира) хартии од вредност преку чија продажба собира одредени парични средства кои му недостасуваат.
ISIN број – се состои од комбинација на бројки и букви преку кои се идентификува земјата издавач на хартијата од вредност, издавачот, видот на хартијата од вредност и некои други битни обележја на таа хартија од вредност.
Индикативна цена – претставува преовладувачка цена односно аукциска цена, односно цена на затварање постигната на претходниот ден на тргување на соодветната хартија од вредност, во однос на која се определуваат зоните на утврдените ценовни флуктуации. За првото тргување со одредена хартија од вредност, индикативната цена се одредува во склад со правилата на тргување на Македонската берза.
Инвеститор – секој купувач на хартии од вредност, правно или физичко лице.
Институционален инвеститор – правно лице чијашто основна дејност е финансирање на инвестиции (инвестициони банки, фондови, осигурителни компании и сл.). Институционалните инвеститори финансирањето на проектите го вршат преку купување на акции на примарниот пазар, а потоа ги препродаваат на берза, заради вложување на парите во други проекти.
Кастоди банка – банка која има дозвола за извршување на дејности поврзани со водењето на сметки за хартии од вредности за сметка на клиентот, како и постапува по налог на клиентот во врска со работењето со хартиите од вредност.
Клиринг и салдирање – се дејности кои се извршуваат од страна на Централниот депозитар за хартии од вредност по реализацијата на куповните и продажните налози. Овие работи се однесуваат на меѓусебното порамнување на обврските и побарувањата, како и пренос на продадените хартии од вредност од стариот на новиот сопственик, и пренос на парите од сметката на купувачот на сметката на продавачот.
Котирана цена – цена на хартијата од вредност објавена во курсната листа на берзата.
Налог за тргување – налозите кои клиентите купувачи и клиентите продавачи ги даваат на своите брокери за извршување на купувањето, односно продажбата на конкретни хартии од вредност.
Номинална цена на акцијата – е цената која ја одредува на денот на емитувањето самиот емитент, а врз основа на работењето на претпријатието.
Портфолио – збир на сите различни хартии од вредност кои се наоѓаат во сопственост на едно лице.
Примарен пазар – претставува прва продажба на емитираните хартии од вредност кои инвеститорот директно ги купува од самиот емитент и истите ги плаќа на емитентот.
Привилегирана (инсајдер) информација – деловни податоци и информации кои сеуште не и се достапни на јавноста, а можат да влијаат на цените на хартиите од вредност. Под информација која не е јавно објавена значи се подразбира информација која не им е подеднакво достапна на сите учесници на пазарот.
Приоритетни акции – не носат со себе право на глас на собранието на акционери, но од друга страна пак, овие акции имаат приоритет при исплатата на дивидендата и евентуално при исплата на ликвидациониот остаток, а понекогаш обезбедуваат и загарантиран фиксен износ на дивиденда.
Преовладувачка цена – цена по која се остварува најголемиот промет со определена хартија од вредност, мерена преку бројот на акции.
Покриеност на куповниот налог – подразбира уплата на парични средства на определена сметка наменета за купување на хартии од вредност до денот на кој е закажано тргувањето со хартиите од вредност. Со овие средства не е возможно да се располага за други цели, освен за подмирување на обврските кои се преземени по потпишувањето на куповниот налог.
Покриеност на продажниот налог – подразбира доказ за соодветната состојба на определена хартија од вредност до денот на закажаното тргување .
Проспект – е документ (лична карта) која содржи податоци за работењето на фирмата, податоци за дејноста, за имотот, положбата на пазарот, дивидендата, загубите, мислењето на овластениот ревизор, податоци за емисиите на акциите, мнозинските сопственици, номиналната и книговодствената вредност итн.
Секундарен пазар – секоја следна продажба на хартиите од вредност (препродажба), после примарното тргување.
Пазарна цена – цената која се формира на берза преку директен контакт на понудата и побарувачката.
|