|
Ноември.14.2008
Неколку водечки светски економии и официјално објавија дека се наоѓаат во рецесија, дека бележат пад на производството, пад на услугите и намалување на потрошувачката. Тоа само дополнително го зголеми притисокот врз берзите, што придонесе за нови ценовни турбуленции на пазарите на капитал. Како и вообичаено последниве месеци, секој поизразен пад на берзите во светот се почувствува и кај нас, па двата индекси на акции забележаа значителни корекции надолу. МБИ-10 на неделно ниво загуби цели 10,50% и дојде до апсолутна вредност од 2.701,94 индексни поени. Последен пат, оваа вредност на индексот МБИ-10 беше забележана кон крајот на мај и почетокот на јуни 2006 година. Од почетокот на годината, вредноста на индексот е намалена за 65,09%, додека од неговиот историски максимум достигнат на 31.08.2008 година, МБИ-10 има загубено 73,14%. МБИД на неделно ниво загуби 9,29% од својата вредност и повторно го достигна својот историски минимум, овој пат од 3.013,09 поени.
Доволно е да се погледне движењето на индексите, за да стане јасно дека на берзата состојбите не се нималку розови. Најсилните удари од економската криза во светот, во моментов кај нас, ги претрпува токму таа. Прометот и натаму е на ниски маргини, неделава просечниот дневен промет на сите пазари и со сите хартии од вредност едвај премина 20 милиони денари. Иако е концентриран главно во акциите кои го чинат индексот МБИ-10, сепак падот на нивните цени е идентичен како и кај другите акции. Повторно Комерцијална банка доминираше во тргувањето со остварен промет од 23 милиони денари, но, падот на цената до 3.050 денари во петокот и неделната корекција од -10,32% навистина е загрижувачка. Од петте најтргувани акции на официјалниот пазар минатата недела, без исклучок, сите пет имаа силен пад на цените. Макпетрол Скопје оствари промет од 9,2 милиони денари, но проследен со пад на цената од -12,18%, Гранит Скопје реализира промет од 8,6 милиони денари и пад од -8,29%, Алкалоид Скопје промет од 6,8 милиони денари и пад од -10,34% и Стопанска банка Битола, која имаше промет од 6,2 милиони денари и нешто помала корекција во цената од -1,61%. Ако се знае дека станува збор за петте најтргувани, најликвидни хартии од вредност, ваквата корекција на неделно ниво и при вакви цени – е преголема........
Навистина е време надлежните органи, институции и регулатори да пристапат кон посериозно анализирање на состојбите на пазарот на капитал и кон преземање на одредени мерки во насока на ублажување на последиците од финансиската криза. Мерките би можеле да бидат насочени кон привлекување на нови инвеститори на нашиот пазар на капитал, даночни олеснувања за постојните и новите инвеститори, како и пакет олеснувања за компаниите кои котираат на берзата, кои се транспарентни во работењето и отворени кон инвеститорите. Добрите резултати од нивното работење во последниот квартал треба да бидат картата на која треба да се игра. Кога веќе сите земји во регионот пристапија кон санирање на состојбите на сопствените пазари на капитал, би требало истото да се стори и кај нас. Резултатите веднаш нема да бидат видливи, но извесно е дека со тек на време, како ќе се стабилизираат состојбите на берзите ширум светот, истите ќе дојдат и ќе генерираат позитивни ефекти врз берзата и целокупната економија.
Ноември.07.2008
Пад на прометот и благ пораст на вредноста на индексите на акции – тоа е првичната костатација за изминатата недела на Македонската берза. Двата индекси на акции, иако осцилираа во текот на неделата, на крајот забележаа раст на неделно ниво, МБИ-10 од 0,55%, а МБИД од 2,65%. Тоа што треба да загрижува е падот на прометот во трувањето во споредба со минатата недела. Ако од вкупниот остварен неделен промет се исклучат неколкуте поголеми вкрстени трансакции склучени на сегментот од редовниот пазар наречен слободен пазар, како и трансакциите со државните обврзници и корпоративната обврзница на Прокредит банка Скопје, тогаш просечниот дневен промет од тргувањето со акции „падна“ на само 14,8 милиони денари. Ваквиот промет секако дека ја намали ликвидноста на пазарот на капитал, кај најликвидните акции истиот беше двојно помал во споредба со минатата недела, а во услови на слабо тргување, голема воздржаност кај купувачите и продавачите и мал број на реализирани трансакции, цените на акциите се задржаа на исто ниво или претрпеа благи корекции надолу.
Единствена акција која реализираше двоцифрен промет (изразен во милиони денари) беше акцијата на Комерцијална банка Скопје. Истата шеста недела по ред е најтргувана акција, неделава имаше промет од 20,9 милиони денари, а крајот го дочека со пад на цената од -2,83%. Во топ 5 најтргувани акции од официјалниот пазар влегоа и акциите на Алкалоид Скопје со реализиран промет од 8,5 милиони денари, Стопанска банка Битола со 8,4 милиони, Охридска банка Охрид со 8,2 милиони и Гранит Скопје со 5,2 милиони денари. Интересно е што кај сите четири акции на неделно ниво немаше никаква промена во цената – цената со која што отворија во понеделникот беше иста со цената на затворање во петокот. Во текот на минатата недела, и останатите компании од официјалниот пазар ги објавија своите квартални финансиски извештаи. И очекувано, на берзата изостана било каква реакција. Очигледно дека, ниту поволните цени ниту добрите перформанси кај некои наши компании, во моментов не се доволен предуслов за некое поинтензивно враќање на инвеститорите на пазарот на капитал.
И во светот берзите не индицираат скорешна стабилизација. Во САД по изборите, власта ја преземаат демократите, што се перцепираше во берзанските кругови како момент на неизвесност и доведе до пад на вредностите водечките индекси во САД. На тоа се надоврза и соопштението за намалувањето на бројот на работните места т.е. растот на невработеноста, па неделата американските индекси ја завршија со загуба од -4%. Со помали отстапувања, ваквиот тренд го следеа речиси сите поголеми пазари на капитал во светот, продлабочувајќи го со тоа стравот од рецесија и поттикнувајќи нова серија на распродажби на акции.
Октомври.31.2008
Светот и светските берзи преживеаа уште една недела „под висок напон“. По големиот песимизам кој ги зафати пазарите на капитал во првите два дена од неделата, нејзиниот крај донесе исклучително силен раст на водечките светски индекси. Така на пример, американскиот S&P 500 на неделно ниво забележа еден од историски најголемите свои растежи од 10%. Па сепак, сигналите кои укажуваат на понатамошно влошување на состојбите во светската економија како и опасноста од замрзнување на кредитниот пазар, придонесуваат кон следниве констатации: дека рано е да се зборува за стабилизирање на тековите на пазарите на капитал, за што сведоци сме преку секојдневните силни осцилации на водечките светски индекси во плус и минус; дека мерките што се превземаат заради излез од настанатата финансиска криза ќе рефлектираат најрано со одредени резултати после период од 6 до 9 месеци и дека дотогаш, состојбите на пазарите на капитал ќе бидат прилично нестабилни; финансиската криза иако се чувствува на непосреден или посреден начин насекаде во светот, сепак, економиите на земјите се различно погодени од неа, што многу бргу ќе се вооочи преку стапките на нивниот раст.
Иако најголемиот дел од индексите во регионот и светот, на неделно ниво забележаа пораст во вредностите, очигледно истото не важеше за нашите два индекси на акции. МБИ-10 имаше неделен пад од -9,10%, а МБИД пад од -3,40%, но со оглед на тоа што во изминатите три недели двата индекси бележеа константен óд надолу, на нивните позитивни вредности од средата и петокот кај МБИ-10, се упати по некоја „скромна насмевка“. Просечниот дневен промет остана во рамките на овогодишниот просек – истргувани беа 32,7 милиони денари, и повторно, 96% од прометот се реализираше на официјалниот пазар.
Според реализираниот промет, најтргувана беше акцијата на Комерцијална банка Скопје со 40,2 милиони денари. Изненадување беше остриот пад на цената, која на неделно ниво забележа намалување од -7,83%, по што акцијата го допре својот тригодишен минимум од 3.371 денар за акција. По падот од 10,48% на неделно ниво и постигнатото дно од 700 денати за акција, атрактивна за инвеститорите стана и акцијата на Гранит Скопје, која реализира неделен промет од 20,6 милиони денари. Во групата 5 најтргувани, влегоа уште и акциите на Стопанска банка Битола со промет од 13,5 милиони денари и со нова остра корекција на цената од -16,74%, Макпетрол Скопје со промет од 11,2 милиони денари и со раст на цената од 3,83%, како и Макстил Скопје со промет од 8,8 милиони денари и после две недели, за првпат со неделе пораст на цената од 1,69%.
Во неделата што остана зад нас, котираните компании на официјалниот пазар ги објавија своите финансиски извештаи за третиот квартал од годината. Преку табеларен приказ, порастот на приходите од реализација и порастот на добивката во споредбениот период 01-09.2008 – 01-09.2007 кај неколку компании би изгледал вака:
Компанија |
Пораст на приходите од реализација |
Пораст на добивката |
Алкалоид Скопје |
+19,68% |
+16,90% |
Бетон Скопје |
+11,95% |
+1,09% |
Гранит Скопје |
+50,57% |
+66,18% |
Хотели Метропол Охрид |
+7,13% |
+8.663,93% |
Макпетрол Скопје |
+33,68% |
+30,65% |
Македонијатурист Скопје |
-19,99% |
-2,04% |
Скопски пазар Скопје |
+13,86% |
-23,38% |
Фершпед Скопје |
+5,68% |
+27,83% |
ВВ Тиквеш Скопје |
+6,29% |
-84,31% |
Стопанска Банка Битола во својот квартален биланс прикажа намалување на добивката во споредба со лани за -20,68%, додека ТТК Банка Скопје забележа раст на добивката за истиот период од 146,38%. Останува да се види реакцијата на инвеститорите на овие финансиски резултати, кои во најголем дел се позитивни и би требало да придонесат ако ништо повеќе, во редуцирањето на продажбите по „багателни“ цени кај одредени акции.
Октомври.24.2008
Октомври 2008-ма ќе остане запомнет како еден од најцрните месеци во историјата на берзите. По октомври 1987-мата, сега и октомври 2008-мата станува „озогласен“ берзански месец. Вредноста на најпознатиот индекс во светот – Dow Jones, само од почетокот на октомври до сега, загуби повеќе од 23% од својата вредност. Стравот од рецесијата која надоаѓа, проследен со масовни отпуштања на работници во одредени сектори, затворање на дел од производствените капацитети кај некои компании и остар пад на нивните профити во третиот квартал од годината, предизвикува вистинска паника на берзите ширум светот. Акциите масовно се распродаваат, побарувачката и прометот се релативно мали, што предизвикува и силен пад на цените на акциите. Петокот беше особено критичен за азиските и европските берзи, бидејќи нивните водечки индекси само во еден ден изгубија меѓу 7 и 10% од своите вредности.
На Македонската берза за хартии од вредност сликата идентична со онаа од изминатите неколку недели. На растот на берзите во светот речиси и да нема реакции, за разлика од состојбите на пад, кога корекциите се следат во чекор. И оваа недела, вредноста на двата индекси на акции претрпе остар пад. МБИ-10 загуби 8,02% од својата вредност и падна на ниво од 3.302,76 индексни поени што е нов годишен минимум. МБИД пак, загуби 9,91% од својата вредност само за една недела и го достигна својот историски минимум од 3.349,32 индексни поени. Единствено нешто што беше „зелено“ изминатата недела, беше неделниот пораст на индексот на обврзници ОМБ за 1,03% на неделно ниво.
По пазарни сегменти, и понатаму се зголемува учеството на акциите од официјалниот пазар во вкупниот промет на берзата. Изминатата недела тој процент достигна 95,80%. Најтргувана изминатата недела повторно беше акцијата на Комерцијална банка Скопје, која неделава реализираше промет од 60,1 милион денари, но за разлика од минатата недела, оваа имаше остар пад на цената, кој на неделно ниво достигна -10,47%. После речиси двеипол годишно тргување, цената се спушти под 4.000 денари за акција, а во петокот, на момент истата се тргуваше и по 3.650 денари. Почетното тргување во петокот на цена од 4.200 денари на која се истргуваа 10.000 акции, се протолкува како знак за распродажба на акцијата, па нејзината цена во петокот беше во маргина од ±15%. Во најтргуваните 5 акции за изминатата недела влегоа и акциите на Макстил Скопје со неделен промет од 15,8 милиони денари и со најголем неделен пад на цената од акциите што котираат на официјалниот пазар од -15,79%; Понатаму, Алкалоид Скопје со промет од 14,3 милиони денари и неделна корекција на цената од 9,13%, Макпетрол Скопје со промет од 9,8 милиони денари и пад од -11,93% и Гранит Скопје со промет од 7,8 милиони денари и пад на цената од -11,82%.
На редовниот пазар, силно се чувствува неликвидноста на акциите, па онаму каде што има некакво тргување, цените на тие акции во добар број случаи бележат пад. Ниту една акција од редовниот пазар изминатата недела не реализираше промет поголем од еден милион денари. Најсилен пад, воопшто на берзата, изминатата недела имаа акциите на Арчелормитал Скопје – ЦРМ забележа неделен пад од -18,78% и последната цена на акцијата стигна до 147,00 денари, а ХРМ пад од -20,94% со цена од 151,00 денар за акција. Очигледно намалувањето на обемот на работа во оваа компанија и објавите во медиумите за кризата во која се наоѓа овој сектор, продонесоа за ваков пад на цените на акциите на едниот од најголемите македонски производители и извозници.
Следната недела нашите компании ќе ги објават кварталните финансиски извештаи за работењето во последните 3 месеци. Според реакциите на првите објави на неколку компании, како нпр. на Комерцијална банка Скопје, дури и истите да се позитивни, некои посебни раздвижувања на берзата не треба да се очекуваат. Светот пак ќе ги очекува извештаите за тоа како се движи БДП во САД и Европа во третиот квартал од годината. Според паниката која во моментов владее во светот, евентуалниот негативен извештај може само да замислиме како ќе биде протолкуван на пазарите на капитал.......
Октомври.17.2008
Нестабилноста на пазарите на капитал ширум светот продолжи да биде нивна главна одлика и во неделата што е зад нас. Турбуленциите на светските берзи се и натаму прусутни со несмален интензитет. Во изобилството на информации кои секојдневно се пласираат во јавноста, а кои се поврзани со финансиската криза, импликациите и решенијата што се нудат за излез од неа, пазарите реагираат во најмала рака - чудно. На некои позитивни информации (на кои во минатото по нивното објавување следеа бранови од купувања на акции) берзите воопшто не реагираат и истите минуваат незабележително, наспроти информациите за рецесијата која се најавува во светската економија, чии објави знаат да ги „турнат“ водечките светски индекси на дневно ниво и за 10-на процентни поени надолу. Сето тоа продолжува да создава конфузија на пазарите, неодлучност кај инвеститорите и донесување на брзи и непромислени одлуки. Додека едни советуваат купување на акции во овој период и ветуваат одлични заработки за период од 2 до 3 години, други се скептици во поглед на состојбите во светската економија, најавуваат долга рецесија и бавен излез од неа. Веројатно ќе треба да поминат уште неколку недели, ако не и месеци, додека, првенствено, не се стабилизираат пазарите на капитал – стабилизацијата е неопходна без разлика дали таа ќе се случи на овие ценовни нивоа или пак на пониски. А за претпоставките која група на аналитичари и инвеститори е во право, одговор ќе дадат резултатите од мерките што се преземаат за санирање на финансискиот сектор во водечките светски економии и во економиите директно засегнати од кризата.
На Македонската берза за хартии од вредност психологијата и натаму „работи“. Погледите на инвеститорите кај нас не се свртени кон резултатите на нашите компании, туку кон тоа што се случува на пазарите на капитал ширум светот. Така нпр. објавата на Комерцијална банка Скопје на резултатите од работењето во третото тримесечје и растот на профитот од 89%, во услови кога во светот сериозно се разнишани некои банкарски гиганти, помина без некоја особена реакција на берзата. Навистина, акцијата беше најтргувана изминатата недела со реализиран промет од 55,7 милиони денари и неделен пораст на цената од 2,28%, но тоа што акцијата е најтргувана не е ништо невообичаено за Комерцијална банка. Понатаму, информацијата од предминатата недела за нова кредитна линија која Стопанска банка Скопје му ја одобрува на Макстил Скопје за модернизирање и проширување на производствените капацитети, повеќе имаше негативен одек на берзата, па цената на акцијата во изминатата недела падна за -15,90%. Но, за жал, тоа е нашата реалност........ Покрај Комерцијална банка, во најтргуваните пет изминатата недела влегоа и акциите на Алаклоид Скопје со неделен промет од 30,5 милиони денари и неделен раст на цената од 13,19%, Макпетрол Скопје со промет од 17,5 милиони денари и раст на цената од 5,42%, Гранит Скопје со промет од 11,9 милиони денари и неделен пораст на цената од 9,04%, како и Стопанска банка Битола со промет од 9,2 милиони денари, но и пад на цената од неверојатни 30,36% на неделно ниво. Тенденциозно спуштање на цената, или пак нешто непријатно се случува во банката, а таа за тоа не ја информира јавноста? Погледнато сумарно, просечниот дневен промет изминатата недела достигна задоволителни за годинава 36,6 милиони денари, најликвидните акции забележаа и значителни ценовни поместувања во плус, меѓу 2 и 15%, па сепак, остриот пад на цените на акциите на Стопанска банка Битола и Макстил Скопје, кои се составен дел на индексот МБИ-10, придонесе неговиот неделен раст да биде само 1,49%.
Редовниот пазар и натаму е на маргините во тргувањето. Минатата недела на него се реализираше само 6% од вкупниот берзански промет и тоа во најголем дел само на две акции – Македонски Телеком (промет од 3,3 милиони денари) и НЛБ Тутунска Банка (промет од 2,7 милиони денари). Тоа се всушност и акции кои во моментов носат еден од најголемите дивидендни приноси на нашата берза. Според последните цени на тргување од петокот, дивидендниот принос на акцијата на Македонски Телеком е 23,5%, а на НЛБ Тутунска банка е 9,53%, па и логиката на инвеститорите за вложување во нив е сосем оправдана.
Октомври.10.2008
Сведоци бевме на една од најмрачните недели во поновата историја на пазарите на капитал. Ситуацијата беше до толку безнадежна, што речиси секојдневно, не се ни поставуваше прашањето дали берзите ќе тонат, туку со колкав процент. Доволно е само да се каже дека водечките индекси на европските берзи, на берзите во САД и Источна Азија, за само една недела загубија, без исклучок, помеѓу 20 и 25% од своите вредности. Владееше класична паника на берзите, при што, во потрагата по свежи пари, на инвеститорите воопшто не им беше важно кои акции се продаваат и по кои цени (нормално, ова важеше за инвеститорите кои видно растревожени од кризата, поитаа да продадат добар дел од портфолиото што го поседуваат, а такви за жал, неделава беа предоминантни). Ниту изгласувањето на планот за инјектирање на 700 милијарди долари во финансискиот систем на САД, ниту мерките преземени од европските централни банки за санација на банките и финансиските институции погодени со кризата, ниту симултаното намалување на каматните стапки во еврозоната и САД, не помогнаа во спречувањето на паниката. Довербата на инвеститорите е до толку нарушена, што просто е неверојатно како одлуките на светските авторитети од финансиската сфера поминуваат незабележително на пазарите на капитал, кои по правило, би требале да бидат вистинскиот одраз на она што се случува и што ќе се случи за одреден период во економиите.
На Македонската берза за хартии од вредност само се преслика тоа што се случуваше ширум светот. Доминантниот психолошки фактор и недовербата во пазарот на капитал кај дел од инвеститорите, го иницираше падот на берзата. Индексот МБИ10 изминатата недела доживеа рекорден неделен пад досега од -18,44%, а во тргувањето со акции се реализираше промет од 175 милиони денари или просечни 35 милиони денари дневно. Тоа секако е мал промет, ако се спореди нпр. со падот кој го имаа акциите во изминатата недела и интересот кој требаше да го предизвика кај инвеститорите „од сенка“. По двата силни падови на индексот МБИ10 во вторникот и средата од -7,84%, односно -7,63% респективно, Македонската берза реши да ги смени правилата на тргување на официјалниот и редовниот пазар. Ефектите се почувствуваа веднаш, падот на индексот во следните 2 дена беше далеку помал во споредба со тоа што се случуваше на берзите во регионот и светот. Меѓутоа, и покрај позитивниот ефект што го имаа промените на правилата врз падот на индексот, со ваквите промени во многу се ограничува слободното формирање на цените на пазарот, особено во случаите, кога станува збор за акции кои не се во редот на најликвидните и чие тргување на Македонската берза и не е толку интензивно. Имено, на акциите кои се наоѓаат во „фиксинг“ фаза на тргување (а тоа се акции кои доколку котираат на официјалниот пазар во три трговски денови оствариле промет помал од 300.000 денари, или доколку се на редовниот пазар во три трговски денови оствариле промет помал од 100.000 денари), дозволена им е ценовна флуктуација од ±10% на дневно ниво. Кај добар дел од акциите кои котираат на редовниот пазар се случува да не дојде до трансакција и по неколку месеци, па во конкретниов случај, моменталната цена кај некои акции на која се поставени горенаведените лимити, не кореспондира со тековните пазарни услови. Доколку некој инвеститор навистина има потреба да продаде некоја ваква акција којашто ја поседува, ќе се соочи со проблем на реализација на пазарот, бидејќи и долниот лимит е премногу висок и не одговара на моменталните состојби на пазарот. Македонската берза треба будно да ги следи случувањата на берзите во окружувањето и во светот. Евентуалното стабилизирање на берзите и нивниот раст, кој после ваквите енормни падови многу е извесно дека порани или подоцна ќе се случи, треба да биде проследен со враќање на претходните правила на тргување. Ако веќе го следевме светот во чекор при падот, тогаш да го следиме и при идниот раст.
Светот полека запаѓа во рецесија - водечките светски компании ги намалуваат своите профити, а банките (оние кои сеуште здраво стојат на земја) заостануваат во финансирањето на бизнисите. Сепак она што се случуваше на берзите сметам дека е повеќе резултат на паника и неконтролирани продажби, што доведе до искривување и изместување на реалната вредност на компаниите. Процесот на оваа корекција секако дека ќе биде долг. Состојбите кај нас, барем засега се малку поинакви. Компаниите во текот на следните две недели ќе ги објават деветмесечните финансиски извештаи во кои не би требало да има големи отстапувања од проекциите. На берзата пак, многу од акциите имаа неочекувано голем пад и се далеку под својата реална вредност. Па така, дел од нив носат дивиденден принос меѓу 10 и 20%, што е далеку над годишната камата што може да се добие доколку средствата се вложат во банка. Со внимателен избор, инвестирањето во акции во овој момент може да се покаже како високопрофитабилно на период од една до две години.
Октомври.03.2008
Неизгласувањето на планот за финансиска помош во САД на 26.09 кој се однесуваше на институциите кои се или потенцијално би можеле да бидат засегнати од финансиската криза, практично однапред ја определи судбината на пазарите на капитал минатата недела. Како последица на тоа, насекаде низ светот берзите забележаа падови на неделно ниво, а водечките индекси во САД имаа неделен пад меѓу 7 и 8%, еден од најголемите во последните две декади. Дилемата кога и на кој начин ќе се излезе од финансиската криза, создава неизвесност кај инвеститорите, а неодлучноста што да се направи во дадениот момент, само дополнително креира конфузија на пазарите на капитал.
Иако аналитичарите на состојбите во регионот напомнуваат дека падот на берзите е резултат исклучиво на психолошкиот ефект кој се пренесува и врз овдешните инвеститори и дека не постојат некои фундаментални причини за ваквиот пад, сепак без исклучок, сите регионални берзи го продолжуваат „спустот по надолнината“. Не треба посебно да се нагласи дека сликата е иста и на нашиот пазар на капитал, со тоа што истиот има неколку специфики кои го диференцираат од останатите. Имено, институционалните инвеститори од странство навистина повлекоа одреден процент од инвестираните средства кај нас, но сепак и задржаа добар дел од инвестициите, кои поради малиот промет, реално гледано многу е тешко да се повлечат во краток период. Нашите финансиски институции не се директно засегнати од оваа финансиска криза, а и степенот на интегрирање на нашиот пазар на капитал со останатите е на исклучително ниско ниво. Структурата на пазарот на капитал и понатаму е на ниски маргини на развој, мал е бројот на инвестиционите фондови, функционираат само два задолжителни пензиски фондови, па сето ова заедно во овие околности, би требало на пазарот да му даде атрибути на поголема отпорност и помала ранливост. Па сепак, Македонската берза изминатата недела го следеше „светскиот тренд“ на пад, така што двата индекси на акции неделата ја завршија со корекција на своите вредности, МБИ10 имаше пад од -2,54%. А МБИД пад од -4,89%, повторно достигнувајќи ја својата најниска вредност од 4.389,65 индексни поени.
Понатамошниот пад на неделниот промет е првото нешто забележително за изминатата недела. Иако не е драстичен во споредба со неделата претходно, трендот е присутен трета недела по ред. Четирите трговски денови донесоа просечен дневен промет од 21,5 милиони денари, 89,5% концентриран на официјалниот пазар, а останатиот на редовниот. Како по обичај, во вакви недели со слаб промет, најтргувани беа најликвидните акции. Комерцијална банка Скопје реализираше промет од 23,6 милиони денари и беше далеку пред другите според остварениот промет. Понатаму следеа Алкалоид Скопје со 12,6 милиони денари, Макстил Скопје со 6,5 милиони денари, Макпетрол Скопје со 5,9 милиони и Стопанска банка Битола со 4,6 милиони денари неделен промет. Освен акцијата на Комерцијална банка, останатите четири најтргувани имаа блага неделна корекција надолу на своите цени. На редовниот пазар, 26,8% од прометот, односно 2,4 милиони денари се истргуваа кај акцијата на Арчелормитал ХРМ Скопје. Но, како последица на информацијата дека поради неповолната цена на металите во светот, Арчелормитал ХРМ и ЦРМ Скопје мораат да го намалат производството, цената на акцијата забележа пазарна корекција од 12,38% на неделно ниво.
Планот за спас на финансискиот сектор во САД, во драматичен, американски стил, на крајот беше донесен во петокот. 700-те милијарди долари, доколку се менаџираат добро, секако дека можат да ја извлечат американската и светската економија од кризата во која западна пред една година. Сепак, борбата ќе се води не само во финансиската сфера, туку и на неколку полиња, бидејќи кварталните извештаи за економскиот раст во неколку поголеми земји во еврозоната и САД покажуваат пад на производството, пад на БНП и раст на невработеноста. Па така, по проблемот со инфлацијата од почетокот на годината, како нов предизвик ќе се јави проблемот со рецесијата која го погаѓа светот. Во услови на „разнишан“ банкарски сектор и стагнација во растот, предизвикот за авторитетите и одговорните лица ќе биде навистина голем.
Септември.26.2008
И покрај тоа што се очекуваше неделата што е зад нас да донесе стабилизирање на финансиските пазари во светот, а и кај нас, како и динамизирање на тргувањето, сепак одложувањето на донесувањето на планот за излез од финансиската криза од страна на државната администрација во САД како и проблемите кои се појавија во неколку други финансиски инситуции во светот, предизвикаа постојан раст на неизвесноста, колебање на инвеститорите и голема нестабилност на берзите ширум светот. Очигледно психолошкиот ефект од сето тоа што се случува во САД е преголем, за да нема влијание и врз случувањата на овдешните пазари на капитал. Тие реагираат речиси во исто време, детерминирани од настаните кои како на лента се движат на европските и американските пазари на капитал.
Македонската берза за хартии од вредност неделата ја заврши со пад на прометот и пад на вредноста на двата индекси на акции. Прометот забележа чувствителен пад во споредба со минатонеделниот и оваа недела достигна само 22,6 милиони денари просечен дневен промет. Вредноста на индексот МБИ-10 забележа неделна корекција од -2,99%, а индексот МБИД пад од -3,01%. Покрај тоа, акциите со кои најмногу се тргуваше изминатата недела, без исклучок, забележаа пад на цените. Најтргуваната Комерцијална банка Скопје, со реализиран промет од 20,2 милиони денари имаше неделен пад на цената на акцијата од -6,86%. И останатите акции кои влегоа во првите пет најтргувани, немаа ниту „сјаен“ промет, ниту пораст на цените. Алкалоид Скопје реализира промет од 15,9 милиони денари и неделата ја заврши со пад од -3,13%, Макстил Скопје беше со промет од 8 милиони денари и пад од -1,27%, Гранит Скопје со скромен промет од 7,7 милиони денари и пад од -6,96% и Стопанска банка Битола реализираше промет од 6,4 милиони денари, но и таа како и другите, имаше неделен пад од -2,32%. По реализациите на малите добивки што ги направија дел од инвеститорите во првите два дена од неделата, завладеа голема воздржаност кога е во прашање инвестирањето, па и исходот на крајот на неделата, т.е. падот на цените на поголемиот дел од акциите беше извесен.
На редовниот пазар, прометот достигна само 9% од вкупниот промет реализиран на берзата и единтвени акции кои реализираа промет од над 1 милион денари беа НЛБ Тутунска банка Скопје со 2,6 милиони и Македонски Телекомуникации со 1,8 милиони денари неделен промет. Останува аверзијата на инвеститорите од вложување во помалку ликвидни акции, и не само што ги одбегнуваат од своите портфолија, туку се почесто, доколку ги поседуваат, се одлучуваат за нивна продажба и за замена со некоја поликвидна хартија од вредност.
И следната недела погледите ке бидат насочени кон случувањата на берзите во САД и Европа. До кој степен ќе се продлабочува финансиската криза во светот, дали мерките што ќе се преземат ќе бидат прецизни и навремени, останува да покаже времето. Едно е извесно, гигантите на инвестиционото банкарство и големите инвестициони фондови се на колена, а светот на финансиите драстично го менува својот изглед од час во час. Иако директно не сме засегнати од турбуленциите во американската економија, сепак, „ураганот’ е пресилен и не може да не заобиколи.......
Септември.19.2008
Дека глобализацијата на светските финансиски пазари од ден на ден станува се посилна и дека надвор од тие случувања едноставно не може да остане нашиот пазар на капитал, потврда беше неделата што е зад нас. Драматичната недела во финансискиот свет, која започна со пропаѓањето на четвртата по големина банка во САД, Lehman Brothers, и со финансиската интервенција на Федералните резерви на САД во осигурителниот гигант AIG (American International Group), заврши на крајот еуфорично. Причина за тоа беше одлуката на властите во САД интензивно да се вклучат во решавање на настанатата финансиска криза, како не би дошло до тотален колапс на комплетниот финансиски сектор во САД. Оттука, берзите ширум светот и нивните водечки индекси, по четиридневниот „слободен пад“, во петокот вратија добар дел од својата загубена вредност. Водечките индекси во САД, Dow Jones IA, NASDAQ и S&P 500, благодарејќи на растот во четвртокот и петокот, неделата практично ја завршија без корекција на своите вредности. Сега полека ќе закрепнува останатиот свет, каде корекциите беа далеку поизразени, иако причинителите на оваа криза се наоѓаат главно во САД.
Драма се случуваше и на овдешниот регионален пазар на капитал, каде тесната взаемна поврзаност на поединечните пазари која се должи на присуството на исти инвеститори на неколку од нив, како и нивното активно инвестирање на светските пазари на капитал, придонесе цените на акциите да се уриваат една по друга како „кули од карти“. Ситуацијата беше идентична – до четвртокот бевме сведоци на панични продажби на акциите, а оптимистичкиот бран од петокот на голема врата ја најавува „зелената недела“ што е пред нас.
За реакцијата на инвеститорите на Македонската берза на случувањата во светот, најдобар показател се двата индекси на акции и нивниот пад во првите четири трговски денови. МБИ-10 од понеделникот до четвртокот загуби 11,96% од својата вредност и повторно го постигна својот годишен минимум. Уште поизразен пад имаше индексот МБИД, кој во истиот период загуби 12,73% и го достигна својот историски минимум. И покрај силниот пад на вредноста на акциите, прометот во изминатата недела бележеше тенденција на постојан раст, па сумарно, просечниот неделен промет се искачи на фантастични за годинава 55 милиони денари. Во услови на ваков интензивен пад, за очекување беше инвеститорите своите средства во најголем дел да ги насочат кон најликвидните акции, па прометот со акции од официјалниот пазар опфати 79,14% од вкупниот промет на берзата. Ако се изземе тргувањето во петокот со 58.200 акции на Металец Прилеп во вредност од 33,9 милиони денари, тогаш неделава прометот на редовниот пазар изнесуваше само 9,69%. Најтргуваните пет акции на официјалниот пазар и оваа недела останаа исти, само според реализираниот промет, неделава најтргувана беше акцијата на Макстил Скопје со 43,5 милиони денари промет, па следеа Комерцијална банка Скопје со 41,5 милиони, Алкалоид Скопје со 32,5 милиони, Гранит Скопје со 29,1 милион и Макпетрол Скопје со 13,1 милион денари неделен промет. Иако петокот донесе голем раст на цените на речиси сите ликвидни акции, а со самото тоа и на индексите (МБИ-10 порасна за 5,91%, а МБИД за 2,71%) сепак падот од првите четири денови не беше во целост коригиран.
Позитивните сигнали кои доаѓаат од светот и мерките кои се преземаат за справување со настанатата криза, да се надеваме дека овој пат ќе дадат вистински резултати и дека закрепнувањето на финансиските пазари ќе се должи на реални фундаменти, а не на краткорочните „истрели“ на шпекулантите. На Македонската берза за очекување е во текот на следната недела да продолжи позитивната корекција. Доколку изостанат некои спектакуларни информации од кај нас и од светот, индексите би требало да се вратат час поскоро на своите вредности од пред една недела. Особено раст би требал да се очекува кај оние наши блу чипови, кои во петокот вратија само мал дел од својата загубена вредност.
Септември.12.2008
Иако неделата имаше само четири трговски денови, корекцијата што се случи на пазарот беше со најголем интензитет во последните два месеци. Двата индекси на акции во сите четири денови забележаа пад, МБИ-10 имаше пад од -3,60% и се спушти на апсолутна вредност од под 5.000 индексни поени – неговата вредност во петокот беше 4.920,51. МБИД се приближи до границата од 5.000 индексни поени, односно во петокот изнесуваше 5.050,34 поени и забележа неделна корекција од -3,65%. Акциите, со мали исклучоци, поради слабата ликвидност лесно губеа од своите вредности, па и најликвидните неделата ја завршија со пад на цените, во просек, помеѓу 2 и 5%.
Вкупниот неделен промет беше нешто помал во споредба со минатонеделниот. Слично како и минатата, и оваа недела според реализацијата повторно доминираа државните обврзници на кои отпадна речиси 50% од редовното тргување. Ако се опсервираат само акциите, просечниот дневен промет со акции изнесуваше 19 милиони денари.
На официјалниот пазар, прометот главно се концентрираше во три акции. Најтргувана како по обичај беше акцијата на Комерцијална банка Скопје со реализиран промет од 14,9 милиони денари, Алкалоид Скопје со 12,2 милиони и Макстил Скопје со 8,2 милиони денари неделен промет. Во најтргуваните пет на официјалниот пазар влегоа уште и акциите на Гранит Скопје со 4,2 милиони и Макпетрол Скопје со 3,9 милиони денари промет. Освен Макстил, чија што цена веќе подолг период се одржува на маргина од околу 400 денари за акција, останате четири имаа „солидни“ корекции во цената на неделно ниво. Комерцијална банка загуби -2,42%, Алкалоид -5,07%, Гранит -4,55%, а Макпетрол -5,48% од својата вредност. Можеби двете ценовно чувствителни информации објавени во петокот кои се поврзуваат со две компании кои котираат на официјалниот пазар, може ако ништо друго, во одредена мера да го „разбрануваат“ тргувањето следната недела токму кај нив.
На редовниот пазар, освен акцијата на Македонски телекомуникации, која само во вторникот реализираше промет од 6,3 милиони денари, како и акциите на Арчелормитал ХРМ Скопје со 1,9 милиони и ОКТА Скопје со 1,3 милиони денари неделен промет, ниту една друга акција не оствари промет од над еден милион денари. За ликвидноста на пазарот – дискусијата е непотребна. Акцијата на Македонски телекомуникации Скопје во вторникот се тргуваше последен ден со право на дивиденда за 2007-ма, но акционерите повеќе беа подготвени да ги продадат своите акции, отколку да ја чекаат дивидендата на крајот на септември. Парадоксално или не, ваквото расположение доведе до тоа цената на акцијата во вторникот да забележи пад од 2,85%.
Забавена економија, забавени реформи, многу, многу политика во секојдневието кај нас, а од друга страна пак, крајно неповолни моменти на светските финансиски пазари – епилогот на Македонската берза е повеќе од јасен и очекуван.
Септември.05.2008
И првата недела од месец септември не донесе некои позначителни придвижувања на Македонската берза. Иако во споредба со неделата пред оваа, прометот во редовното тргување беше поголем за 175%, сепак овој пораст во најголем дел се должеше на тргувањето со државни обврзници, на кои што отпаднаа 41,21% од вкупниот промет. Покрај тоа, за одбележување изминатата недела беше и блок трансакцијата со акциите на Повардарие АД Неготино, при што контролниот пакет на акции новиот сопственик го стекна за цена од 282,00 денари по акција, односно вкупната трансакција изнесуваше 10 милиони денари.
Статистиката вели – на неделно ниво се реализираше промет од 161,8 милиони денари или просечни 32,36 милиони денари дневен промет. Најобемно беше тргувањето со обврзницата за денационализација од седмата емисија во вкупна вредност од 45 милиони денари. Интересот за оваа обврзница растеше во континуитет во текот на неделата, па од почетните 81%, цената достигна до 85% од нејзината номинална вредност. Причините за ваквиот зголемен интерес за обврзниците може да се побараат во откупот на државно земјиште и во настојувањето на некои фондови да дојдат до обврзници со повисоки стапки на принос. На официјалниот пазар, кај акциите, најмногу се тргуваше со акцијата на Комерцијална Банка Скопје. Во петте трговски денови се реализираше вкупен промет од 34,3 милиони денари, цената се движеше во маргина од 6.000 до 6.120 денари и имаше пораст на неделно ниво од 1,75%. Уште само три акции реализираа каков – таков промет. Акцијата на Алкалоид Скопје имаше неделен промет од 8,9 милиони денари, Макстил Скопје 6,7 милиони денари, а Гранит Скопје 6,6 милиони денари неделен промет. Најавите на инвестициониот фонд Фишер, во чиешто портфолио доминира акцијата на скопски Гранит, дека го напушта македонскиот пазар на капитал и го сели својот капитал во странство, предизвика и пад на цената на акцијата на Гранит од 5,71% на неделно ниво. И тоа е се од случувањата на официјалниот пазар.
На редовниот пазар, доминираше акцијата на Македонски Телекомуникации Скопје. По одржаното акционерско собрание на 03.09 и потврдата за исплата на дивиденда за 2007-ма година, порасна и интересот кај инвеститорите за оваа акција. Извонредниот дивиденден принос од 15%, пресметано според цената во петокот, придонесе неделниот промет со акцијата да достигне 13,1 милион денари. Последен ден на тргување со право на дивиденда е вторник, исплатата на дивидендата почнува од 30.09, а инвеститорите веќе калкулираат колкава ќе биде пазарната корекција од среда натаму и дали е поисплатливо нивно чување или нивна продажба.
Се погласните најави за рецесија која може да ја зафати еврозоната и источноазиските земји, придонесоа изминатата недела да се случи вистинско „лизгалиште“ на пазарите на капитал ширум светот. Очигледно е дека опоравувањето на пазарите на капитал ќе оди многу побавно од некои претходни предвидувања и реално е да се очекува сличен тек на настаните и на нашиот пазар на капитал.
Август.22.2008
Дека пазарот на капитал се наоѓа во една од најделикатните фази од своето постоење, посведочи неделата што остана зад нас. Повторно прометот беше на исклучително ниски маргини, достигна само 78 милиони денари на сите пазарни сегменти во текот на целата недела или просечни 15,8 милиони денари дневно. Овој тренд на низок дневен промет беше проследен и со пад на вредноста на двата индекси на акции, МБИ-10 неделава загуби 3,73% од својата вредност и се приближи до границата од 5.000 индексни поени, додека МБИД забележа неделен пад од 2,18%. Загрижувачкиот проблем со ликвидноста на акциите, слабиот интерес на инвеститорите кој од ден на ден сé посилно се чувствува на берзата, како и минималното учество на домашните и странски институционални инвеститори, се едни од главните причинители што повторно трендот на Македонската берза е надолен. Можеби преземањето на Инвест банка Скопје коешто е во тек, како и даденото одобрение од страна на НБРМ за преземање на ИК Банка Скопје кое допрва треба да влезе во процедура, може да донесат одредени „раздвижувања“ на берзата, но сепак, поради компактната акционерска структура премногу ефекти од овие преземања врз берзата и не треба да се очекуваат.
Како беше распределен овој мал промет на берзата во неделата што е зад нас? На официјалниот пазар се реализираше 73,12% од прометот, останатите 26,88% беа истргувани на редовниот пазар. Според реализираниот промет, најтргувани акции за изминатата недела беа акциите на Комерцијална банка Скопје со 15,8 милиони денари неделен промет, Гранит Скопје со 10,4 милиони денари (од кои само во петокот преку три трансакции беа истргувани 7,2 милиони денари), Макпетрол Скопје со 7,2 милиони денари, Алкалоид Скопје со 6,8 милиони денари и Макстил Скопје со 3,5 милиони денари неделен промет. Без исклучок, сите акции од оваа петорка забележаа пад на вредноста на неделно ниво – Комерцијална банка имаше корекција од -1,64%, Гранит од -5,63%, Макпетрол од -3,65%, Алкалоид од -3,95% и Макстил од -0,76%. Слика која најдобро ги илустрира гореспоменатите проблеми со нашиот пазар на капитал. Оттука и не треба да зачудува што поради намалената ликвидност, кај одредени акции кои немаат тргување извесен временски период, доаѓа до посилни корекции во цената.
До кога? Прашање на кое ретко кој се осудува да даде одговор. Веројатно одговорот ќе го дадат состојбите на пазарите на капитал во светот и брзината со која истите ќе закрепнуваат, брзината на нашето евро - атлантско интегрирање итн. Решение можеби ќе се бара и во поврзување на регионалните берзи, бидејќи речиси сите се соочуваат помалку или повеќе со слични проблеми.
Август.15.2008
Летаргијата на Македонската берза продолжи и во втората недела на август. Прометот и понатаму е на рекордно ниски граници, а индексите како да стојат во место. Иако за нијанса тој беше поголем во споредба со претходната недела (просечниот дневен промет неделава изнесуваше 17,4 милиони денари), ако се земе в предвид дека само во четвртокот беше на некое „разумно“ ниво од 39 милиони денари и тоа благодарејќи на истргуваните 3.500 акции на ЗК Пелагонија АД Битола и 315-те акции на Прилепска пиварница АД Прилеп (двете заедно реализираа промет од 28,5 милиони денари), брзо се доаѓа до констатација дека речиси и да нема движења на берзата.
Единствена акција што одржува каква – таква ликвидност е акцијата на Комерцијална Банка Скопје. Иако прометот со неа е далеку од задоволителен, минатата недела истата успеа да реализира промет од 14,6 милиони денари, во маргина од 6.100 до 6.150 денари за една акција. Дека ликвидноста на пазарот е сериозно нарушена, опоменува и фактот што покрај горенаведените акции (на ЗК Пелагонија Битола и Комерцијална Банка Скопје) ниту една друга акција која котира на официјалниот пазар не реализираше неделен промет од над 5 милиони денари, што секако е многу загрижувачки момент, како за самиот пазар, така и за котираните компании и нивните акции. Навистина е загрижувачки кога акции како Алкалоид Скопје, Топлификација Скопје и Гранит Скопје ќе реализираат на неделно ниво промет помеѓу 2,5 и 4,5 милиони денари, кога практично една поголема продажна количина може да предизвика сериозен пад на цената на акцијата, доколку продавачот се обиде истата да ја реализира во текот на денот.
Неделава гледано во целина, акциите на официјалниот пазар претрпеа извесна корекција надолу, што можеше да се забележи и преку движењето на индексот МБИ-10 кој имаше неделна корекција од -1,85%. Најголема корекција претрпе акцијата на Жито Вардар АД Велес, која забележа пад од 5.000 на 3.500 денари. Пазарот ги „казни“ лошите финансиски резултати кои ги објави компанијата за првото полугодие со силен пад на цената на нејзината акција. Во услови кога компаниите од прехранбената индустрија, благодарејќи на порастот на цената на храната, успеваат да добијат се повеќе на значење и со самото тоа, да ги подобрат перформансите во своето работење (таков пример е Жито Лукс АД Скопје, кој од почетокот на годината почнува да генерира профит), зачудува што во континуитет оваа компанија бележи загуби кои еве, на половина од 2008 година достигнаа речиси 2 милиони евра.
На редовниот пазар, покрај споменатата акција на Прилепска Пиварница, прометот го направи акцијата на Македонски Телекомуникации со реализирани 9,3 милиони денари неделен промет. Објавата за свикувањето на акционерско собрание за 3-ти септември на кое би требало да се донесе одлука за исплата на дивиденда за 2007-ма година, дополнително го подгрева интересот на инвеститорите за оваа акција, пред се поради солидниот дивиденден принос кој го носи нејзиното поседување. Во услови кога целата берза, па и економијата е ставена на „stand by mode“, очигледно ќе мора да се прилагодиме на фактот дека вакви нешта ќе го привлекуваат вниманието на инвестиционата јавност.
Август.08.2008
Kako prodol`enie na nekolkute prethodni nedeli - i nedelata {to ostana zad nas ja odbele`a nov pad na prometot (na samo 10 milioni denari prose~en dneven promet), re~isi i da nema{e promeni vo vrednostite na dvata indeksi na akcii, a prodol`i i trendot na blok transakcii so akciite na Komercijalna banka Skopje. Ovaa nedela sepak se realizira{e samo edna blok transkacija vo ponedelnikot so 8.000 akcii po cena od 6.150 denari za akcija. Prodol`i objavuvaweto na polugodi{nite finansiski izve{tai na kompaniite koi kotiraat na oficijalniot pazar. Kaj onie koi imaat ostvareno pozitivni i podobri rezultati vo raboteweto vo sporedba so godinata prethodno, zabele`itelen e i pogolem interes na investitorite za niv {to vlijae i vrz porast na nivnite ceni na akciite na berzata. Sepak, op{t e vpe~atokot deka rezultatite vo vtoriot kvartal od godinata, kaj pove}eto kompanii e pod o~ekuvanoto od investitorite.
Na pazarot, i ponatamu dominira akcijata na Komercijalna banka Skopje, no za razlika od prethodnite nekolku nedeli, prometot so nejzinite akcii padna na samo 10,9 milioni denari promet vo redovnoto trguvawe. Krajot na nedelata dovede i do mala korekcija na nejzinata cena, koja na zatvorawe vo petokot spadna na 6.000 denari za edna akcija. Akcijata na Komercijalna banka Skopje be{e edinstvenata koja ostvari promet od nad 10 milioni denari. Daleku poskromno se trguva{e so akciite na Alkaloid Skopje (4,4 milioni denari nedelen promet i nedelen pad na cenata na akcijata od -0,32%), Makpetrol Skopje (promet od 3,9 milioni denari i pad od 0,62%), Toplifikacija Skopje (so promet od 2,7 milioni denari i pazarna korekcija od 0,60%) i Makstil Skopje (so realiziran promet od 2,4 milioni denari i edinstvena od prvite pet najtrguvani akcii koja ima{e porast na cenata na nedelno nivo od 1,28%).
Na redovniot pazar, edinstvena akcija koja i spored prometot i spored dvi`eweto na cenata "padna vo oko", be{e akcijata na Makedonski Telekomunikacii Skopje. Investitorite poka`aa pogolem interes od voobi~aeniot za ovaa akcija, {to najdobro mo`e{e da se zabele`i preku realiziraniot promet od 4,2 milioni denari vo nedelata. Od den na den cenata na akcijata bele`e{e porast, pa od 635 denari dostigna vo petokot 670 denari.
Procenkite na nekolku analiti~ari deka hipotekarnata kriza koja predizvika golem potres vo finansiskiot svet go dostigna svoeto dno i deka po~nuva blago oporavuvawe na pazarite na kapital, izvesno e deka }e ima pozitivno da vlijae vrz stabiliziraweto na regionalnite finansiski pazari. Na na{ata berza, aktuelnata sostojba na status kuo vo trguvaweto bi trebalo da se promeni vo sekoj moment, bidej}i na ova nivo na trguvawe te{ko se privlekuvaat novi investitori, nema prostor za korekcii na cenite na akciite i za vistinsko otslikuvawe na sostojbite, kako vo kompaniite, taka i vo samata ekonomija.
Јули.25.2008
Една типична „летна“ недела на Македонската берза. И купувачите и продавачите својата активност на берзата ја сведоа на минимум, одложувајќи ги своите инвестициони одлуки за некој иден период. Еден момент доволно зборува за тоа колку се тргуваше во неделата што е зад нас – во четвртокот поради остварен промет во изминатите три денови помал од 300.000 денари, акциите на двете најликвидни компании на Македонската берза, Алкалоид Скопје и Комерцијална банка Скопје, влегоа во фиксинг начин на тргување (инаку карактеристичен за повеќето помалку ликвидни хартии од вредност)...... Прометот и понатаму продолжи да бележи опаѓање и оваа недела достигна само до 18 милиони денари просечен дневен промет. Двата индекси на акции покажаа различни правци на движење, МБИ-10 забележа позитивна корекција на неделно ниво од 1,43%, наспроти МБИД која ја заврши неделата со пад од 2,06%, но со оглед на реализираниот неделен промет, сето тоа изгледа безначајно. Сликата за тргувањето во минатата недела во значителна мерка ја подобрија блок трансакциите, преку кои се реализираше промет од 52 милиони денари, пред се поради фактот што четирите блока беа со акции на компании кои се составна компонента на МБИ-10 индексот. Два блока беа со акциите на Комерцијална Банка Скопје (6.816 акции со вкупна вредност од 38,9 милиони денари), еден со акции на Алкалоид Скопје (725 акции по цена од 7.990 денари) и еден со акции на Стопанска Банка Битола (1.054 акции по цена од 7.000 денари за акција).
Најтргувана како по обичај во овој период беше акцијата на Комерцијална банка Скопје, која во петте трговски денови реализираше промет од 15,8 милиони денари и се движење во ценовен распон од 5.788 до 6.100 денари за акција. Се разбира и за неа важи, прометот реализиран оваа недела во редовното тргување во споредба со минатонеделниот, забележа опаѓање од речиси 60%. Во петте најтргувани акции на официјалниот пазар минатата недела влегоа уште и акциите на Макпетрол Скопје со реализиран промет од 9,2 милиони денари, Гранит Скопје со промет од 8,6 милиони денари, Топлификација Скопје со 5 и Стопанска Банка Битола со промет од 4,8 милиони денари. Специфично за сите пет акции е што неделата ја завршија со пораст на цените на своите акции во споредба со почетокот на неделата.
На редовниот пазар, спласна интересот за акцијата на Македонски телекомуникации (веројатно поради фактот што за датум за пресек во акционерската книга за одредувањето на акционерите со право на дивиденда беше посочен почетокот на септември), што пак резултираше со пад на вредноста на акцијата на неделно ниво од 2,17% и намалување на прометот со акцијата за речиси четири пати. Наместо неа, зборувањата во кулоарите за евентуалното преземање на Аутомакедонија Скопје, достигна кулминација изминатата недела. Не само што беше најтргувана на редовниот пазар со реализиран промет од 3 милиони денари, туку во еден момент во текот на неделата акцијата имаше пораст до 4.900 денари или процентуално раст од +35,5%. Покрај неа, единствена светла точка на редовниот пазар беше акцијата на ОКТА Скопје. „Ниската“ цена која се движеше помеѓу 7.400 и 7.600 денари за акција го привлече колку – толку вниманието на инвеститорите, па се реализираше неделен промет од 2,2 милиони денари.
Објавувањето на полугодишните финансиски извештаи на неколку компании и банки покажаа расчекор кога се во прашање плановите и реализацијата за првото полугодие од 2008 година. Банките и понатаму работат со солидни и подобрени перформанси, што може да се каже и за неколку компании. Наспроти нив, кај неколку други, резултатите се значително послаби во споредба со истиот период минатата година. Останува да видиме каков одраз на берзата ќе имаат овие финансиски резултати на половина од 2008-ма.
Јули.18.2008
По неколкуте „интересни“ недели кои и се случија на Македонската берза, во последнава недела констатацијата е дека таа „заплива во помирни води“. Двата индекси на акции бележеа минимални дневни корекции во текот на целата недела, а со исклучок на две или три акции, речиси сите останати и немаа некоја позначителна корекција на неделно ниво. Сепак една негативен момент се провлече низ берзата минатата недела, а тоа беше падот на неделниот промет. Ако предминатата недела просечниот дневен промет изнесуваше 31,6 милиони денари, оваа недела тој се намали за речиси 38% и достигна скромни 19,6 милиони денари просечен дневен промет во редовното тргување. Ниту блок трансакцијата со акциите на Макстил Скопје не успеа да ја промени оваа слика, бидејќи неделава остана една од најслабите според реализираниот промет во последните месеци. Ваквиот пад на прометот може но и не мора да се поврзе со отпочнувањето на летните одмори, бидејќи сведоци бевме во изминатите три години дека токму во периодот јули – август инвеститорите на берзата ја засилуваа својата активност.
Според интензитетот, повторно најмногу се тргуваше со акцијата на Комерцијална банка Скопје, која во петте трговски денови реализираше промет од 39 милиони денари или безмалку 40% од вкупниот неделен промет остварен на берзата. Акцијата започна да се тргува на цена од 5.900 денари, во текот на неделата зголемената побарувачка придонесе таа да ја пробие границата од 6.000 денари, но во последните два дена забележа корекција надолу и на затворање во петокот цената за една акција изнесуваше 5.700 денари. Токму Комерцијална банка ги „собра парите“, на официјалниот пазар, па оттука и немаше друга акција која забележа неделен промет од над 10 милиони денари. Единствено Макпетрол Скопје според прометот од 6,9 милиони и Алкалоид Скопје со 4,8 милиони денари, а и според куповните налози кои се наоѓаа на берзата го оправдаа епитетот дека се едни од најликвидните акции на Македонската берза.
Објавата на Одборот на директори на Македонски телекомуникации дека го прифаќа предлогот на вториот по големина акционер во компанијата за распределба на добивката во корист на исплата на поголема дивиденда за акционерите, значеше и силен пробив напред на цената на акцијата на МТ. Од почетните 551 денар за акција во понеделникот, цената на затворање на акцијата на Македонски телекомуникации во петокот достигна 670 денари, што значеше и неделен раст од 21,6%. Во моментов една од најинтересните акции на берзата е токму таа, како според покажаниот интерес на инвеститорите и реализираните 10,3 милиони денари неделен промет, така и според проектираниот дивиденден принос од 16,5% на тековната цена, кој според најавите би требало да се реализира во месец септември.
Пред нас е периодот на објавување на полугодишните финансиски извештаи на котираните компании, од кои ќе се даде првична претстава за тоа дали и во која мерка забавувањето на растот на светската економија се одразува и врз нивното работење, како истите се справуваат со инфлаторниот притисок и растот на цените на производствените инпути итн.
Јули.11.2008
Осумдневниот континуиран раст на акциите на Македонската берза беше и повеќе од доволен за одредена група на инвеститори да ги реализираат остварените добивки од сопствените вложувања од пред десетина дена. Скокот што го направија двата водечки индекси во периодот 27.06 – 08.07 од 21,02% кај МБИ-10, односно 9,83% кај МБИД беше и првиот позначителен пораст на нивната вредност од почетокот на годината. Оттука, за очекување беше по ваквиот брз раст да дојде и до извесна корекција на цените на акциите, која се најави уште во вторникот, во втората сесија од тргувањето. До крајот на неделата МБИ-10 загуби 5,41%, а МБИД 1,37% од својата вредност.
Прометот изминатата недела беше за нијанса поголем во споредба со претходната и изнесуваше просечни 31,6 милиони денари дневен промет во редовното тргување. 79,33% од него повторно се концентрираше на официјалниот пазар, а благодарејќи на три трансакции кои се случија со не толку познати акции кои котираат на слободниот пазар, прометот на редовниот пазар достигна 32,6 милиони денари или 20,67% од вкупниот промет на берзата. Неделава се случија и две блок трансакции, со акциите на Алкалоид Скопје (3.500 акции по цена од 8.550 денари) и на Жито Продукт Свети Николе (7.484.акции по цена од 6.053 денари за акција), со што дојде и до промена на сопственичката структура во оваа компанија.
Најтргувана изминатата недела беше акцијата на Комерцијална банка АД Скопје. Во петте трговски денови, истата реализираше промет од 35 милиони денари и се тргуваше во маргина од 5.670 до 6.000 денари за акција. Особено големиот интерес за акциите на Комерцијална банка во последните два трговски дена и притисокот на куповната страна, дава за право да констатираме дека интересот за неа ќе продолжи и во текот на следната недела, а не треба да се исклучи ниту можноста од нејзин иден ценовен раст. Макпетрол Скопје по влегувањето од состојбата на „фиксинг“ (прометот во предминатата недела во последните три дена беше помал од 300.000 денари), забележа рекорден за него скок од 25,00% во понеделникот. Неделниот негов максимум достигна 88.000 денари за акција, а на затворање во петокот цената на акцијата изнесуваше 76.918 денари. Акцијата реализираше и неделен промет од 14 милиони денари. Во петте најтрувани акции влегоа и акциите на Гранит Скопје со промет од 10,6 милиони, Топлификација Скопје со 10,3 милиони и Скопски Пазар Скопје со 9,5 милиони денари неделен промет. Ако се погледнат цените на акциите кои котираат на официјалниот пазар во периодот понеделник - петок, кај најголемиот дел од нив во односниот период дојде до пад на нивните вредности (кај акциите на 15 котирани компании), акциите на 4 компании имаа пораст, додека кај 8 компании (најчесто поради малиот број на трансакции) цената на нивните акции не се менуваше.
На редовниот пазар – пазарот на јавно поседувани друштва повторно според интересот отскокнуваше акцијата на Македонски Телекомуникации АД Скопје, како според остварениот промет од 3,6 милиони денари, така и според неделниот ценовен пораст од 8,07%. Во очекување на одлуката на Одборот на директори во врска со распределбата на добивката за 2006 и 2007 година и можната дивиденда по акција, интересот на инвеститорите за неа оваа недела очигледно порасна. Покрај неа, само уште акциите на Кјуби Македонија Скопје, Арчелормитал Скопје и ФЗЦ 11 Октомври Куманово реализираа промет од над 1 милион денари, што е прескромно во споредба со некој минат период.
Во последните три трговски денови се случи извесна на корекција на пазарот, која е проследена со опаѓање на дневниот промет и исклучително мал број на купувачи, па и на продавачи, дури и кај најликвидните акции. Останува да се види, дали корекцијата и натаму ќе продолжи или пак инвеститорите ќе ги антиципираат моменталните цени на пазарот како прифатливи што би значело чекор кон стабилизирање на пазарот.
Јули.04.2008
Беше ли изминатата недела на Македонската берза најава за нејзино скорешно опоравување од неколкумесечниот пад или не? Ако се суди според движењето на двата индекси на акции, може да се каже да. МБИ-10 за само една недела порасна за 9,42% или во шестдневниот континуиран раст успеа да врати 12,09% од својата вредност. Индексот МБИД на котираните компании од редовниот пазар имаше нешто помал неделен пораст од 5,06%, што се должеше главно на помалиот концентриран промет на редовниот пазар. Ако пак од друга страна се анализира неделниот промет, ни одблиску не може да се каже дека на повидок е некое опоравување на берзата. Оваа недела во редовното тргување беа истргувани вкупно 127 милиони денари или просечни 25,44 милиони денари дневно, што е за 16% помал дневен промет во споредба со неделата претходно, што значи дека инвеститорите не ја засилуваат својата активност, туку напротив, се многу внимателни во тоа каде и колку вложуваат. Лесно може да се донесе заклучок, дека ниту на берзата, ниту кај компаниите, ниту во земјата или во окружувањето не се случи ништо невообичаено, што можеше да го иницира ваквиот раст. Едноставно, купувачите и продавачите ги заменија улогите. На местото на агресивните продавачи од пред недела –две кои брзаа да се ослободат од акциите кои ги поседуваат, на сцена стапија неколку нетрпеливи купувачи, кои во трката по одредени акции беа подготвени да платат и по неколку проценти повисока цена од претходната.
Како овие моменти го креираа пазарот на капитал? На него, повторно најликвидните акции беа најтргувани. Далеку најголем промет се реализираше со акциите на Комерцијална банка Скопје - 27,7 милиони денари, па потоа следеа Алкалоид Скопје со 14,7 милиони, Топлификација Скопје со 11,9 милиони, Макстил Скопје со 11,2 милиони и Гранит Скопје со 9,2 милиони денари неделен промет. Кај сите пет најтргувани акции минатата недела беше забележан и пораст на цените на акциите, најизразен кај Топлификација со 20,95%, Комерцијална банка со 11,15% и Гранит Скопје со 4,15%. На редовниот пазар на јавно поседувани друштва, прометот иако беше значително помал, рамномерно се распредели на неколку акции (КЈУБИ Македонија, Арчелормитал, Стопанска банка Скопје, Македонски телекомуникации и Тутунска банка). Единствено се издвои ОКТА Скопје со реализиран промет од 4,6 милиони денари од кои најголемиот дел отпадна на една трансакција со 500 акции на цена од 8.200 денари за акција.
Треба да се биде многу внимателен во прогнозирањето на следните движења на цените на акциите на Македонската берза. Речиси сите берзи во окружувањето неделата ја завршија со пад на вредностите на нивните водечки индекси, а во глобални рамки прогнозите за забавувањето на светската економија предизвикаа на берзите ширум светот неделата што е зад нас да биде една од оние со почувствителна пазарна корекција од почетокот на годината. Можеби неколку позитивни моменти кои би се случиле кај нас во следниот период, како што е на пример скорешното формирање на Владата и сл. би можеле да ја одржат Македонската берза во „добра кондиција“ како што беше во неделата што е зад нас.
|